Охрид е град во југозападниот дел на Македонија и административен центар на истоимената општина. Се наоѓа на североисточното крајбрежје на Охридското Езеро, кое по градот го носи и своето име.
Охрид и Охридското Езеро се едни од главните туристички места во Македонија. До него се стигнува преку регионалниот пат Битола - Ресен - Охрид. Охрид е осми град по број на жители во Македонија со вкупно население од 42.033 жители (2002 г.) и се наоѓа на 135 километри јужно од градот Тетово.
Поради големиот број на цркви и манастири, градот е познат како Балкански и Европски Ерусалим.
Охрид е познат и како „Градот на Светлината“, што претставува буквален превод на неговото старо име - Лихнид. Охридскиот Регион е вклучен во светското наследство на УНЕСКО.