Македонија, службено позната под новото спорно уставно име Република Северна Македонија (РСМ) или скратено Северна Македонија[8] — држава сместена на Балканскиот Полуостров во Југоисточна Европа. Земјата е една од наследничките држави на поранешна СФРЈ, од која прогласила независност во 1991 година. Зафаќа околу 38 % од вкупната површина на регионот Македонија. Географски земјата граничи со Србија на север, Косово на северозапад, Бугарија на исток, Грција на југ и Албанија на запад. Релјефот на државата е главно планински. Иако е континентална држава, таа има повеќе од 50 езера и шеснаесет планини повисоки од 2.000 метри.
Потекло на поимот Македонија
Името „Македонија“ е од старомакедонско потекло, и според преданијата доаѓа од митскиот предок Македон. Како државно име почнало да се користи во VIII век пр. н. е за Кралството Македонија, Македонската Империја, па потоа на римската покраина Македонија, византиската тема Македонија и денес за регионот Македонија и државата Македонија. Денес се верува дека името значи „планинци“ или „висока земја“ или „високи луѓе“.[14] Во 2018 година е склучен Преспанскиот договор помеѓу македонската влада, предводена од претседателот Зоран Заев и Грчката влада, предводена од претседателот Алексис Ципрас, со кој се утврдило името на државата за внатрешна и надворешна употреба да биде „Северна Македонија“. Новото име стапило во службена употреба на 11 февруари 2019 година. Сепак, и покрај промената на името, народот и медиумите сè уште ја именуваат државата едноставно како Македонија.
И С Т О Р И Ј А
Праисторија
Најстарите траги од животот на луѓето во Македонија потекнуваат од времето на неолитот, односно од времето кога постоело примитивно земјоделство. Покрај земјоделството, луѓето во ова време ја познавале, изработувале и употребувале керамиката, во вид на садови за секојдневна употреба, или како вајани идоли на божества и човечки фигури. Од страна на оружје во ова време била користена праќата.
Античка Македонија
Археолошките наоди покажуваат дека на просторот на Македонија постоела цивилизација уште од периодот меѓу 9000 п.н.е. и 3500 п.н.е.[15] Првпат Македонското Кралство се појавува во периодот на IX век п.н.е., а постои недоумица за тоа кој бил првиот македонски крал — Каран, кој се смета за митски предок на Аргеадите, или Пердика I — првиот историски крал на Кралството Македонија.
Појавата на Словените
Во VI и VII век на Балканот и во Македонија се доселуваат Словените, достигнувајќи јужно до Тесалија, па дури и до Пелопонез.[28] Тие се измешале со затекнатото месно население, во најголема мера со Тракијци и Илири, потоа Стари Грци, Антички Македонци, и др. На македонската територија, која тогаш се наоѓала под византиска јурисдикција, македонските Словени биле опфатени во полудржавни формации — македонски склавинии. Склавиниите презеле повеќе напади против Византија и утврдените византиски градови.