ПОМОШ И НЕГА ВО ДОМОТ
Здружението за поддршка и развој - ХУМАНОСТ Демир Капија во партнерство со Општина Демир Капија ја воспостави услугата помош и нега во домот на територијата на Демир Капија од 06.09.2021., во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Со услугата помош и нега во домот се обезбедува помош во вршење на основни и инструментални активности од секојдневниот живот до 80 часа месечно, за лица со намален функционален капацитет кои не можат да се грижат за себе, со цел да се оспособи корисникот за само-помош, односно да ја врати, стекне или одржи способноста самиот себе да се грижи, да продолжи да живее во својот дом.
Корисници на услугата помош и нега во домот се:
- Лица со најтешка попреченост, односно комбинирана попреченост со највисок степен
- Потполно слепи лица
- Стари лица со навршени 65 години живот
- Други лица со намален функционален капицитет кои не можат сами да се грижат за себе
Корисници на услугата помош и нега во домот во општина Демир Капија има 26, со тоа што се опфатени и корисници од околните села – Бистренци, Корешница и Чифлик.
Социјалната услуга помош и нега во домот се дава по претходно поднесено барање до Центар за социјална работа Неготино.
Кон барањето за барателот на услугата се поднесува следната документација:
- важечка лична карта за државјанин на Република Северна Македонија,
- дозвола за постојан престој на странецот, како и за брачен другар, родители, деца и/или други роднини со кои живее во заедничко домаќинство;
- мислење од матичен лекар за потребата од помош и нега при остварување на основни активности во домот со пополнет образец „Индекс Кац на независност во остварување на активностите од секојдневниот живот“;
- отпусно писмо со специјалистички извештај и/или друга медицинска документација и/или наод и мислење за видот и степенот на попреченоста за барателот и неговиот брачен другар, родителите, децата и/или други роднини со кои живее во заедничко домаќинство;
- изјава дадена пред нотар, или пред службено лице во Центарот дека нема склучено договор за доживотна издршка, односно покренало постапка за раскинување на склучен договор за доживотна издршка.
Непосредни даватели на услугата се 12 негувателки кои имаат поминато посебна програма за образование на возрасни и се стекнати со сертификат за негувателка на стари лица. Здружението за поддршка и развој – ХУМАНОСТ – Подружница Демир Капија во соработка со Општина Демир Капија, организираат настани и креативни работилници со цел да се овозможи поголема социјализација на крајните корисници.