за општината - историја

Историја

 

Минатото на Демир Капија е поврзано со познатата живописна Демиркаписка Клисура, место од кое што почнувале и завршувале многу воени походи, место кое во различни периоди било граничник на повеќе владетели и место кое што било седиште на посебни феудални господари кои ја окупирале територијата и владееле со неа.​

Најпрво се споменува населба која егзистирала околу тврдината, под името стар римски град Стене. По пропаста на Римското Царство, тврдината станува место за постоење на уште еден град кој бил наречен средовековниот Просек. За овој град има повеќе пишани податоци, особено оние поврзани со имињата на феудалните господари Добромир Хрс и Добромир Стрез. Со доаѓањето на Османлиите населбата во тврдината престанала да живее, месното население било раселено на ново место неколку километри на север и била наречена Бања, според топлите водени бањи кои на овој простор постојат од многу старо време. По катастрофалниот земјотрес во 7 и 8 март 1931 година населението од селото Бања било иселено на просторот кај железничката станица Демир Капија. Тука започнал нов живот, биле отворени неколку трговски и занаетчиски објекти, а подоцна било отворено и учулиште како и неколку стопански објекти.​

Најголемиот дел од минатото на Демир Капија е поврзано со постојани војни и трауми кои ги доживувало месното население. Овој град бил окупиран и завладуван од повеќе владетели и тоа за време на многу кратки периоди. Поради тоа не било овозможено развојот на економскиот живот да добие поголеми размери, туку она што се произведувало било разграбувано од војските.

За време на петвековното владеење на Османлиите многу малку работи се промениле. Во тоа време Бања во кое живеело населението избегано од Просек, било претворено во крупен феудален посед на различни турски бегови. Заедно со тоа и населението било зависно од турските феудалци кои располагале со нивниот живот и слобода. Дури по протерувањето на Турците во 1912-1913 г. селото се ослободило од таа зависност и започнало да живее послободен живот. Но тоа траело кратко бидејќи по неколку години била воспоставена бугарска односно српска окупаторка власт.

 

 

Во Првата светска војна територијата на Демир Капија била освојувана од бугарско-германски и српско-англиски воени сили. Првата светска војна оставила пустош во градот. Последиците од неа се чувствувале долги години по неа. За време на Кралството Југославија 1919-1941 година економската состојба била лоша бидејќи никој не вложувал во ова подрачје.

Тогашното село било срамнето со земја при Валандовскиот земјотрес во 1931 година.

​Целиот период на Втората светска војна во Демир Капија изобилувал со крупни настани на воен план. Поради добрата геостратешка позиција тука бил сконцентриран значителен број на германска и бугарска војска. Борбите за населбата станале почести а посебно се прошириле во 1943 и 1944 година што придонело важноста на Демир Капија да биде од животно значење за повлекувањето на германските единици од Грција поради што населбата била претворена во вистинска неосвоива тврдина. По повлекувањето на Германците како и силните борбени дејствија на Македонците во 1944 година Демир Капија била ослободена.​

По ослободувањето Демир Капија бележи подем особено во времето додека населбата била седиште на истоимената општина. Меѓутоа по укинувањето на општината и претворање на Демир Капија во обично седиште на Месна канцеларија растот бележи стагнација кој оставил негативни траги во севкупниот живот. Во 1996 година Демир Капија повторно го добива статусот на општина, со изборотна првиот градоначалник и првиот повеќепартиски општински совет, пулсот на животот повторно се вратил во овој град и покрај извонредно тешката економска ситуација настаната во 1990 година. Новото општинско раководство го вратилo развојот на позитивни почетни позиции.